Развивање на наставна програма за слободен изборен предмет во основно образование поврзана со медиумска писменост

Проектот „Развивање и тестирање на наставна програма за медиумска писменост“, добитник на грант за имплементација на знаењата и вештините стекнати на TechCamp Ohrid, фокусиран на развивање и тестирање на наставна програма за поттикнување на критичкото размислување и вештините за дигитална писменост успешно се приближува кон својот крај.

Во претходните пет месеци, тимот на проектот подготви наставна програма за слободен изборен предмет поврзан со медиумската писменост во основните училишта, во која се наведени наставните цели, активности и очекувани исходи. Нацрт верзијата на оваа програма беше тестирана со ученици во петте училишта, учесници во проектот. Во секое од училиштата беа формирани клубови за медиумска писменост, со цел да се обезбеди средина каде учениците ќе можат да се вклучат во практични активности за медиумска писменост, кои се планирани според дизајнираната наставна програма. Преку интерактивни работилници, дебати и мултимедијални проекти, студентите научија критички да ги анализираат медиумските содржини и да создаваат свои медиумски содржини. Повратните информации од учениците беа искористени за подобрување на квалитетот на дизајнираната наставна програма. До крајот на проектот, финалната верзија од оваа наставната програма ќе биде доставена до Бирото за развој на образованието (БРО) на одобрување за да може исстата да се користи за реализација на слободен изборен предмет во основното образование.

Во рамките на проектот беше креирана веб-страница, www.nasmedium.edu.mk, која ќе служи како база на ресурси поврзани со медиумската писменост, затоа препорачуваме редовно да ја проверувате оваа веб-страница за какви било ажурирања и корисни информации во врска со едукацијата за медиумска писменост.