Креирање на обука „Иновативно користење на технологија во училница со фокус на ученикот“

Центарот за иновации и дигитална едукација Диг-Ед, заедно со Harmony Academy од Словачка, беше водечки партнер во развивањето на обуката „Иновативно користење на технологија во училница со фокус на ученикот“, како дел од Еразмус+ проектот NELCA. Станува збор за комбиниран курс од онлајн учење и учење во училница, со цел да ги оспособи наставниците со практични вештини и знаења за ефективна примена на иновативни технологии во наставата ориентирана кон ученикот. Преку оваа обука, се поттикнува зголемена мотивација, активност, интерес и соработка кај учениците.

По завршување на курсот, наставниците ќе бидат подготвени да ја препознаат вредноста на технологијата во современото образование, особено во контекст на пристапи ориентирани кон ученикот. Тие ќе се стекнат со вештини за избор и критичка евалуација на дигитални алатки за активно учење, како и за дизајнирање на активности кои го поттикнуваат ангажираноста и самостојноста кај учениците. Исто така, обуката ќе им помогне на учесниците да развиваат соработка, креативност и критичко размислување кај учениците – вештини неопходни за 21-от век. На крај, наставниците ќе добијат насоки за практична примена на модели на комбинирано учење во сопствениот наставен процес.

Содржината на обуката е формирана врз основа на анализа на потребите спроведена со наставници од Северна Македонија, Словенија, Словачка, Литванија и Латвија, со што се обезбедува нејзина релевантност и усогласеност со реалните предизвици во овие образовни системи.

Пилотирањето на обуката ќе се состои од онлајн дел и три последователни денови на обука со физичко приуство, по три часа дневно. Онлајн активностите служат за запознавање со клучни концепти и алатки, подготвувајќи ги учесниците за практична работа при сесиите со физичко присуство. За време на обуката со физичко присуство, фокусот е ставен на соработка, практични задачи и размена на искуства. По обуката, учесниците продолжуваат со кратки онлајн задачи за поддршка на имплементацијата на наученото.

Како дел од онлајн активностите, учесниците ќе се претстават и ќе ги прегледаат објавите на своите колеги со цел градење на почетна заедница за учење. Тие исто така ќе имаат можност да го разгледаат и курсот, односно структурата, целите и нацрт-агендата. Воедно, учесниците ќе ги прегледуваат подготвените материјали (видеа и документи), како и воведните видеа за алатките што ќе се користат. Овие видеа се достапни на: https://www.youtube.com/playlist?list=PLixCqUMszvglRhNXwb4w5bBmWjUrtmuBz

Обуката со физичко присуство ќе трае три дена, а секој ден е внимателно структуриран со комбинација од кратки воведни презентации, практична работа, работа во групи и рефлексија. Овој пристап обезбедува динамична атмосфера за учење и поттикнува активно учество.

Првиот ден ќе се фокусира на начини како технологијата може да поттикне соработка и ангажираност кај учениците. Вториот ден е посветен на примена на технологијата за формативно оценување и запознавање со вештачката интелигенција во образованието, заедно со дискусија за нејзината етичка употреба. Третиот ден е насочен кон дизајнирање на ангажирачки наставни активности поддржани со технологија и примери за нивна примена во наставата.