Повик за споделување на добри СТЕМ наставни практики во однос на формативното оценување на учениците во онлајн опкружување

Онлајн наставата доведе до поголема флексибилност во наставата и учењето, но и до потреба од покомплексна подготовка од страна на наставникот, при што детално треба да се испланираат сите наставни форми, методи и техники на работа, внимателно да се изберат соодветни дигитални алатки, да се креираат дигитални ресурси, како и да се испланираат активностите за време на синхроната и асинхроната комуникација. При онлајн наставата од особено голема важност е добро да се испланира и континуирано да се следи на работата на учениците, како и давањето на конструктивна повратна информација со насоки за понатамошно учење.

Формативното оценување на учениците во онлајн опкружување е навистина голем предизвик во поглед на избор на соодветен метод, соодветна онлајн алатка, креирање соодветен дигитален ресурс за следење на учењето на ученикот, како и одредување на начин на давање на усна или пишана повратна информација, како за време на синхроната, така и за време на асинхроната комуникација. Притоа креираните дигитални ресурси треба да бидат интерaктивни, поттикнувајќи го интересот и мотивацијата на учениците и соодветни на возраста на учениците, нивните предзнаења, оспособеноста за користење на технологија, како и времетраењето на активностите.

Соработката помеѓу наставниците и споделувањето на искуствата и добрите практики во поглед на формативното оценување е од огромна важност за професионален развој на наставниците и реализација на квалитетна онлајн настава. Во таа насока, со цел креирање на база на наставни практики, го објавуваме овој повик за споделување на добри СТЕМ наставни практики со фокус на формативно оценување на учениците во онлајн опкружување. Повикот се објавува во соработка со Scientix, и има за цел да ја зајакне СТЕМ заедницата на национално ниво, преку споделување на практики и подобрување на квалитетот на онлајн наставата во СТЕМ областите.

Секој од вас има можност да прикаже сопствен приод при креирање и користење на онлајн ресурси за формативно оценување во СТЕМ областите и на тој начин сите заедно да ја збогатиме базата на онлајн едукативни ресурси кои потоа може да се користат во наставата. Веруваме дека секој од вас во текот на изминатата година има голем број на примери за формативно оценување на учениците при онлајн наставата во СТЕМ областите, но за да овозможиме споделување на искуства од поголем број колеги, еден наставник може да испрати најмногу до три примери на наставни практики.

Фокусот при опис на добрата наставна практика треба да биде ставен нa онлајн алатката искористена за формативно оценување на учениците, креираниот ресурс (линк и начин на користење), како и опис на формативното следење на напредокот на учениците. Притоа треба да се внимава на почитувањето на авторски права на ресурсите и правата за споделување, како и соодветна рефлексија на наставната практика. Идејата е останатите наставници да може да пристапуваат до вашите примери за добри практики и да ги искористат при реализација на своите часови. Повеќе за авторските права може да прочитате на следниот линк: https://creativecommons.org/about/cclicenses/

Описот на наставните практики треба да се изврши врз основа на следниот формулар, притоа внимавајќи на форматирањето (согласно образецот) и истиот да не биде подолг од 2 страни. Вашите описи на активности доставете ги најдоцна до 23 мај 2021 на следната емаил адреса: contact@dig-ed.org. Известување за резултатите од повикот ќе добијат наставниците чии практики ќе бидат избрани за објавување. Со испраќањето на вашите описи на наставни практики се согласувате истите да бидат објавени на веб сајтот на Dig-Ed, и истите да бидат искористени и/или модифицирани од други наставници.

Формулар – Опис на наставна практика ФО