Повик за споделување на добри онлајн практики од STEM (Science, technology, engineering and mathematics) областите математика, природни науки, биологија, физика, хемија, информатика и сродни предмети

Онлајн наставата доведе до поголема флексибилност во наставата и учењето, но и до потреба од покомплексна подготовка од страна на наставникот, при што детално треба да се испланираат сите наставни форми, методи и техники на работа, внимателно да се изберат соодветни дигитални алатки, да се креираат дигиталн ресурси, да се испланираат активностите за време на синхроната и асинхроната комуникација земајќи ја предвид возраста на учениците, нивните предзнаења, оспособеноста за користење на технологија, времетраењето ан активностите и слично.

За реализација на квалитетна онлајн настава од особено голема важност е соработката помеѓу наставниците и размената на искуства и идеи, учење едни од други како да се реализира еден добар онлајн час, притоа користејќи ја технологијата како алатка за постигање на наставните цели. Формирањето на заедници на наставници кои учат едни од други и споделуваат добри практики и основата на професионален развој на наставниците и овозможување на квалитетна настава.

Во таа насока, со цел креирање на база на добри онлајн наставни практики, кaде наставниците би ги споделиле своите искуства и би им помогнале на останатите наставници, го објавуваме овој повик за споделување на добри онлајн практики од STEM наставата. Повикот се објавува во соработка со Scientix, и има за цел да ја зајакне СТЕМ заедницата на национално ниво, преку споделување на практики и подобрување на квалитетот на онлајн наставата во СТЕМ областите.

Секој од вас има можност да прикаже сопствен приод при онлајн реализација на одредена активност од STEM областите и на тој начин сите заедно да го збогатиме множеството на онлајн едукативни ресурси кои потоа може да се користат во наставата. Веруваме дека секој од вас во текот на изминатата година има голем број на примери за реализација на наставата, но за да овозможиме споделување на искуства од поголем број колеги, еден наставник може да испрати најмногу до три примери на добри онлајн практики.

Фокусот при опис на добрата наставна практика треба да биде ставен нa синхроните и асинхроните активности за време на онлајн наставата, како и искористените дигитални алатки, поточно ресурсите креирани со нив. Најдобрите онлајн наставни практики кои ги задоволуваат барањата во поглед на опис на активности (пред, за време и после виртуелниот час), самостојно креирани дигитални ресурси и опис за нивно користење, поврзаноста на наставните цели, ќе бидат објавени во база на добри онлајн практики. Притоа треба да се внимава на почитувањето на авторски права на ресурсите и правата за споделување, како и соодветна рефлексија на наставната практика. Идејата е останатите наставници да може да пристапуваат до вашите примери за добри практики и да ги искористат при реализација на своите часови.

Описот на наставните практики треба да се изврши врз основа на следниот формулар, притоа внимавајќи на форматирањето (согласно образецот) и истиот да не биде подолг од 4 страни. Вашите описи на активности доставете ги најдоцна до 15 март на следната емаил адреса: contact@dig-ed.org. Со испраќањето на вашите описи на наставни практики се согласувате истите да бидат објавени на веб сајтот на Dig-Ed, и истите да бидат искористени и/или модифицирани од други наставници.

Опис на наставна практика