Работилница – Користење игри за учење на сајбер-безбедност и справување со дезинформации

Во рамки на проектот „Користење игри за учење сајбер-безбедност и справување со дезинформации“ беше организирана работилница за користење на игри во образовниот процес. На работилницата присуствуваа околу 30 учесници, едукатори кои работат во различни образовни циклуси.

Во текот на првиот ден од работилницата беа презентирани проектните активности и резултатите од проектот. Креираните едукативни игри во Scratch за сајбер-безбедност и справување со дезинформации им беа презентирани на присутните од страна на учениците од училиштата кои учествуваа во проектот. Учениците разговараа за целиот процес на прибирање нови знаења и вештини за темите, креирање на едукативни материјали и држење предавања на учениците од пониските одделенија. Беше интересно да се слушне нивното мислење и да се слушнат нивните ставови за учење од врсници и креирање на едукативни материјали и игри на овие теми.

Потоа следуваше церемонијата за доделување на награди за најдобрите игри креирани во Scratch за сајбер-безбедност и справување со дезинформации. Игрите беа креирани за Конкурсот објавен од Диг-Ед во мај 2022 година. Резултатите од натпреварот можете да ги најдете на следниот линк: резултати. Учесниците на работилницата се запознаа со овие отворени образовни ресурси и можноста за нивна повторна употреба во образовниот процес.

Вториот ден од работилницата започна со дискусија меѓу учесниците за предностите и недостатоците од користењето на игрите во образовниот процес и можностите и предизвиците во локален контекст. Беше направена презентација за видот на едукативните активности што може да се реализираат преку игри, едукативната вредност на користените игри како и потребните карактеристики на играта.

Учесниците поделени според предметите што ги предаваат се обидоа да создадат активности на часовите за учење за сајбер-безбедноста и справувањето со дезинформациите користејќи игри. Тие ги презентираа креираните активности пред другите групи и следеше дискусија за овие активности.

На крајот од работилницата беа дискутирани некои конкретни предизвици за презентираните активности во училницата (најмногу поврзани со училишната инфраструктура) и беа споделени идеи меѓу учесниците како да се надминат. Треба да се истакне дека наставниците се ентузијасти за спроведување на овој вид активности во нивните училници и тие се убедени во придобивките од пристапот на учење базиран на игра со цел да се зајакнат знаењата и вештините на учениците во врска со сајбер- безбедноста и справување со дезинформациите.