На 28 и 29 мај 2025 година, во Талин, Естонија, се одржа eGOV2025 — една од водечките меѓународни конференции посветени на е-управување и дигитална трансформација, организирана од e-Governance Academy. Маја Виденовиќ и Владимир Трајковиќ, како претставници на Центарот за иновации и дигитална едукација Dig-Ed, учествуваа на конференцијата во рамки на студиската посета за граѓански организации „KnowCyber“.
Под мотото „Од бајти до бенефити: Зголемување на просперитетот преку дигитална трансформација“, конференцијата се фокусираше на тоа како дигитализацијата може да придонесе за економски раст, подобро управување и благосостојба на граѓаните.
Истата беше наменета за лидери, експерти и практичари во анализирање на клучните предизвици и отворањето на нови можности за дигитализаација во сите сфери од човековото живеење и имаше за цел да ги обедини креаторите на политики, технолошките експерти и граѓанските организации за заедничко истражување на успешни модели на дигитална трансформација. Преку панел дискусии, работилници и презентации на добри практики, учесниците добија увид во најновите трендови, иновации и решенија во областа на дигитализацијата.






Владимир Трајковиќ, како претставник на Центарот за иновации и дигитална едукација Диг-Ед, учествуваше во сесијата „Зајакнување на дигиталната безбедност: улогата на граѓанските организации за безбедно користење на дигиталниот простор“, презентирајќи ги активностите од проектот “SHIELD: Практично учење преку симулација на игрa за подобрување на вештините за сајбер безбедност”, како дел од иницијативата KnowCyber, реализирана во рамки на проектот Cyber Balkans, финансиран од Европската Унија. Целта на проектот е да се продлабочи дигиталната писменост и кај наставниците и кај учениците, особено во областа на сајбер безбедноста и дигиталната благостостојба, комбинирајќи дигитално раскажување приказни, алатки со вештачка интелигенција, елементи на игра и учење преку игра.
Во рамки на овој проект е развиена нова методологија за креирање на едукативни содржини со елементи на игра и онлајн едукативни игри, притоа користејќи ги можностите кои ги нуди вештачката интелигенција за креирање на приказната, предизвиците и нивоата во самите игри. Часот започнува со приказна поддржана од вештачка интелигенција, структурирана низ нивоа и предизвици поврзани со ситуации од секојдневниот живот на учениците во однос на сајбер безбедност. Тие преку дискусија соработуваат, решаваат проблеми и ги отклучуваат следните нивоа од приказната. По завршување на часот учениците играат интерактивна онлајн игра, која вклучува слични ситуации базирани на концептите дискутирани во училница, за дополнителна рефлексија. Така, традиционалната настава се трансформира во динамична и интерактивна средина за учење базирана на соработка и критичко размислување, додека преку онлајн играта се продлабочува знаењето од областа на сајбер безбденоста.
Проектот беше претставен како успешен пример за едукација во областа на сајбер безбедност, со детално објаснување на пристапот и клучните резултати од неговата имплементација. На почетокот беше истакат огромниот интерес кај наставниците за учество во овој проект. Во почетната фаза се вклучени 40 наставници кои, после посетена работилница, креирале над 30 игровни сценарија и ги имплементирале со со повеќе од 2000 ученици. Како резултат на имплементацијата, учениците покажуваат зголемен интерес, мотивација и подготвеност да се вклучат во дискусии и учење поврзано со сајбер безбедност. За евалуација на ефективноста на овој методолошки пристап се искористени анкетни прашалници, пред-тестови, пост-тестови, како и тестови еден месец после имплементација на пристапот. Резултатите покажуваат значително зголемување на знаењето на учениците од областа на сајбер безбедноста, особено по еден месец, што укажува на придобивките од имплементацијата на овој пристап за стекнување на продлабочени и долготрајни знаења од страна на учениците.






Трајковиќ нагласи дека дигитализацијата не е само технолошка промена, туку процес што бара силна поддршка преку образование и вложување во дигиталната писменост на учениците и наставниците. Иако денешните ученици се родени и функционираат во дигитално опкружување, тоа не значи дека се дигитално писмени. Од друга страна, дел наставниците не функционираат во дигиталното опкружување на нивните ученици. Затоа е потребно да се подобрат дигиталните компетенции и да се овозможи правилна употреба на дигиталните алатки од страна на наставниците, паралелно со активно вклучување на учениците во учење како да ги користат овие алатки на соодветен начин.
Беше истакната потребата да се изградат „мостови“ од заеднички дигитални темели како што се онлајн комуникација, онлајн однесување, алатки базираани на вештачка интелигенција, сајбер безбедност и слично, за да се поврзат наставниците и учениците, и за да може да се развијат иновативни образовни практики кои ќе ги прошират можностите и потенцијалот во светот во кој живеат учениците. Центарот за иновации и дигиталнa едукација Диг-Ед работи на создавање на овие „мостови“ и поттикнување на наставниците и учениците за нивно користење со цел подобро функционирање во дигиталниот свет исполнет со нови можности.
Во рамките на конференцијата претставници од Диг-Ед заедно со претставници на други граѓански организации од Западен Балкан, вклучени во проектот KnowCyber, учествуваа на работилница посветена на јакнење на нивното влијание во областа на сајбер безбедноста. Работилницата понуди практични вештини за комуникациски стратегии и вклучување во процесите на носење одлуки и регулативи. Учесниците учеа како да анализираат политики, да соработуваат со институции, да ја застапуваат својата мисија пред јавноста и да управуваат со тимови во комплексно општествено и регулаторно окружување. Оваа активност претставува важен чекор кон градење посилен и поинклузивен граѓански сектор во доменот на дигиталната безбедност.

Во рамки на организираната студиска посета, претставници од Диг-Ед ја посетија Управата за информациски системи на Естонија која е клучна институција зад успехот на Естонија како една од најнапредните дигитални држави во светот. Меѓу другото, таа е задолжена за развој, управување и надзор на клучните информациски системи што ги користи јавниот сектор, како и сајбер безбедност и заштита на критичната дигитална инфраструктура. Дополнително беше посетен и e-Estonia Briefing Centre, кој служи како демонстративна платформа за дигиталните достигнувања на земјата и нуди информативни сесии со цел да ги запознае посетителите со естонските дигитални решенија и да поттикне меѓународна соработка. Исто така учествуваа и на семинар на тема “Улога на граѓанските организации во онлајн безбедноста и примери од работа со деца, ученици, наставници и родители”, кој обезбеди увид во значајната улога на граѓанските организации во промовирање на онлајн безбедноста и практични примери за работа со деца, наставници и родители.






Учеството на Диг-Ед на конференцијата ја потврди важноста на образованието како двигател на безбедна и одржлива дигитална трансформација. Конференцијата понуди одлична можност за вмрежување, размена на искуства и градење соработки за создавање одржливи и инклузивни дигитални општества.