Диг-Ед успешно спроведе две напредни обуки за примена на гејмификација во дигиталното образование во Грузија

Диг-Ед успешно реализираше две напредни обуки за гејмификација во дигиталното образование во Грузија, зајакнувајќи ги компетенциите на локалните едукатори за зголемување на ангажираноста на учениците користејќи пристапи базирани на игра. Овие напредни обуки беа организирани во рамките на REDI проектот, финансиран од ЕУ и спроведен од eGA (Естонија) и SFPL (Полска) во соработка со Фондацијата за иновативно образование (Грузија). Учесници на обуките беа наставници по различни предмети и обучувачи за зајакнување на дигиталните компетенции, а сесиите ги водеа Маја Виденовиќ и Владимир Трајковиќ, од Диг-Ед.

Пред да започне самата обука, учесниците беа вклучени во онлајн активности, како разгледување на туторијали за дигитални алатки, анализа на студија на случај, анкета за нивните дигитални компетенции, како и заеднички Padlet простор каде што се претставуваа и го опишуваат сопственото ниво на користење на дигиталните алатки. Оваа подготовка обезбеди секој учесник да дојде со заедничко разбирање на целите на обуката. Дополнително, повратните информации од учесниците помогнаа обуката да се прилагоди на нивните потреби и очекувања.

Првата обука се реализираше на 12–13 ноември во Тбилиси, со 20 учесници од различни едукативни средини, а втората на 15–16 ноември во Кутаиси, со 25 учесници од училишта, тренинг центри и различни иницијативи за развој на дигитални вештини.

На двете напредни обуки, учесниците беа запознаени со:

  • Основите на гејмификација и наставата со фокус кон ученикот
  • Основните мотиватори за успешна интеграција на гејмификација во образованието
  • Стратегии за интегрирање на елементи од игрите — како што се предизвици, поени, повратни информации и наратив — во обуката за дигитални вештини
  • Практично дизајнирање и прототипирање на гејмифицирани активности
  • Повратни информации од колеги, доработка на идеи и планирање на имплементацијата

За време на првиот ден, учесниците ги анализираа карактеристикиоте на наставата ориентирана кон ученикот и дискутираа што ја прави истата да биде интересна, релевантна и мотивирачка. Преку интерактивни сесии, тие ги разгледаа основните принципи на гејмификацијата и научија како механиките, динамиките и наративите се поврзани со резултатите од учењето. Потоа дискутираа за мотивацијата на учесниците и што е тоа што ги поттикнува нивните ученици да учествуваат и да останат ангажирани. До крајот на денот, учесниците редизајнираа една од своите активности, вклучувајќи елементи од игри за зголемување на интерактивноста и подобро усогласување со резултатите од учењето во насока на развивање на дигиталните компетенции.

Вториот ден се фокусираше на дизајнирање и примена. Учесниците експериментираа со различни дигитални алатки и платформи за креирање на наративи со вештачка интелигенција за да ги подобрат своите гејмифицирани активности. Работејќи во парови, тие креираа целосна гејмифицирана активност, прилагодена на нивниот конкретен едукативен контекст. Ги презентираа своите активности, и добиваа конструктивна повратна информација од колеги. До крајот на работилницата, учесниците заминаа со подготвени активности за пилотирање и јасни стратегии за интегрирање на гејмификацијата во своите училници или програми за обука поврзани со развој на дигитални вештини.

Обуките покажаa дека кога гејмификацијата се применува практично и со конкретна цел, таа може активно да ги вклучи и едукаторите и учениците. Групата од Грузија ја заврши обуката стекнувајќи знаења не само за нови алатки и практични гејмифицирани активности, туку и со чувство на креативност и доверба за интегрирање на стратегии базирани на игри во едукацијата за развој на дигитални вештини.

Дополнително, беше воспоставена мрежа на едукатори кои ќе продолжат со континуирана соработка, споделување идеи и искуства и учење едни од други.

Диг-Ед останува посветен на поддршка на едукаторите во Грузија во адаптирање на иновативни, ангажирачки и ефикасни пристапи за развој на дигитални вештини.