Учениците од пет основни училишта се вклучија во одбележување на Денот на побезбеден интернет 2022, реализирајќи активности како дел од проектот „Користење на игри за учење на сајбер безбедност и справување со дезинформации“, поддржан и финансиран од Амбасадата на САД.
Во периодот од 7.2.2022 до 11.2.2022 учениците од ООУ „Крсте Мисирков“ Скопје, ООУ „Страшо Пинџур“ Неготино, ООУ „Сандо Масев“ Струмица, ООУ „Панајот Гиновски“ Скопје и ООУ „Петре Поп Арсов“ Богомила реализираа низа на активности со цел подобрување на знаењата и вештините на учениците од пониските одделенија за сајбер безбедност и справување со дезинформации. Преку соученичко учење, каде во улога на наставници се најдоа учениците од повисоките одделенија (VIII и IX одделение), учениците од VI и VII одделенија стекнуваа нови знаења, ги продлабочуваа веќепостоечките и се оспособуваа за правилно користење на онлајн просторот.
Учениците од повисоките одделенија (8 и 9 одделение) презентираа разни содржини поврзани со сајбер безбедноста и справување со дезинформации, особено задржувајќи се на одредени случаи за нарушување на сајбер безбедноста и пристап до дезинформации, поттикнуваа индивидуални и групни дискусии, реализираа разни игровни активности за да овозможат активно вклучување на сите ученици, и на крај го тестираа знаењето на учениците од пониските одделенија на теми поврзани со сајбер безбедност и дезинформации. Во дел од училиштата активностите се реализираа со физичко присуство но кај некои од нив ученици навистина одлично успеаа да ги постигнат сите цели и преку хибридна настава. Наставниците само го следеа целиот процес и повремено се вклучуваа во дискусии. Преку соученичко учење, учениците од пониските одделенија на еден интересен и забавен начин се стекнаа со нови знаења и ги продлабочија вештините за правилно однесување во виртуелниот свет.
Kреираните едукативни материјали од учениците од повисоките одделенија кои се однесуваат на сајбер безбедност и справување со дезинформации а кои беа искористени за време на часовите со останатите ученици во училиштата, по завршување на активностите ќе бидат достапни како отворени образовни ресурси и ќе можат да се искористат од наставниците и учениците ширум државата за зајакнување на компетенциите поврзани со сајбер безбедност и справување со дезинформации.