Центарот за иновации и дигитална едукација Диг-Ед, заедно со Harmony Academy од Словачка, успешно ја реализираше креираната обука „Иновативно користење на технологија во училница со фокус на ученикот“, како дел од Еразмус+ проектот NELCA. Овој курс беше развиен врз основа на сеопфатна анализа на потребите на наставниците од Македонија, Словенија, Словачка, Литванија и Латвија, со цел да се утврдат нивните потреби и предизвици поврзани со интегрирањето на технологијата во наставата со фокус на ученикот.
Оваа обука имаше за цел да им овозможи на наставниците практични активности и конкретни стратегии за користење на иновативни технологии со цел да се поттикне ангажираноста, соработката, креативноста и самостојноста на учениците. Обуката се имплементираше во комбиниран формат, кој ги обединуваше асинхроните онлајн активности со интензивна тридневна работилница со физичко присуство.
Пред реализирањето на сесиите со физичко присуство, учесниците на обуката работеа на подготвителни онлајн активности. Овие активности вклучуваа преглед на структурата и целите на обуката, анализа на едукативни материјали пред почетокот на обуката, креирање кориснички сметки за препорачаните алатки и претставување користејќи заедничка виртуелна табла на Padlet. Оваа воведна фаза, исто така, опфаќаше серија кратки едукативни видеа, специјално изработени за да прикажат практични начини на интегрирање на секоја дигитална алатка во наставата. Овие видеа беа објавени во посебна YouTube плејлиста и им помогнаа на учесниците да стекнат самодоверба и да се запознаат со алатките пред практичниот дел од обуката. https://www.youtube.com/playlist?list=PLixCqUMszvglRhNXwb4w5bBmWjUrtmuBz
Обуката со физичко присуство се одржа во текот на три последователни дена (од 6 до 8 јули) во Ружомберок, Словачка, и понуди динамична и интерактивна средина за истражување на педагошка примена на предложените дигитални алатки. Секој ден беше посветен на одредена тема и вклучуваше структурирана комбинација од кратки презентации, практични активности, групна работа, демонстрација на алатки и рефлексивни дискусии.
Прв ден: Поттикнување на соработка и ангажираност преку дигитални алатки
Првиот ден беше фокусиран на тоа како дигиталните технологии можат да ја поддржат соработката и да ја зголемат ангажираноста на учениците во наставниот процес. Сесијата започна со интерактивна активност за запознавање, по што следеа групни дискусии за придобивките од користењето на технологијата во наставата.






Учесниците истражуваа како може да се поттикне соработката меѓу учениците преку користење на алатки како Miro (за споделување на идеи и заедничко планирање на работата) и дискутираа конкретни стратегии за примена во училница. За време на практичниот дел, учесниците користеа Genially и Nearpod за да креираат интерактивни, едукативни материјали кои можат да се применат во различни предмети. Овие алатки им овозможија да создадат персонализирани и мултимедијално богати содржини, насочени кон зголемување на мотивацијата и активното учество на учениците. Првиот ден заврши со презентации и взаемна повратна информација, што им овозможи на наставниците да учат едни од други и да дискутираат како овие алатки може да се интегрираат во нивните училници.






Втор ден: Гејмифицирана формативно оценување и вештачка интелигенција во образованието
Вториот ден беше насочен кон користење на технологијата за формативно оценување и на улогата на вештачката интелигенција во училницата. Учесниците се запознаа со гејмифицирани алатки за оценување, како Kahoot и Quizizz, и преку практична активност креираа свои интерактивни квизови и материјали за формативно оценување. Во вториот дел од сесијата, учесниците го истражуваа потенцијалот на вештачката интелигенција во образованието, тестирајќи алатки како ChatGPT, чат-ботови базирани на ВИ и генератори на слики. Тие размислуваа за практичната примена на ВИ во наставата, вклучувајќи генерирање на промптови, визуелни содржини итн. Клучна тема на дискусија беа етичките аспекти на користењето на ВИ во образованието и како да им се претстават овие алатки на учениците. Преку групни активности, наставниците споделија стратегии за поттикнување на критичко размислување и одговорно користење на вештачка интелигенција во наставниот процес.









Трет ден: Дизајнирање на технолошки збогатени наставни материјали фокусирани на ученикот
Последниот ден им овозможи на учесниците да ги применат сите стекнати знаења за креирање на едукативни материјали интегрирајќи ги изучените дигитални алатки. Со користење на алатки како Canva, Curipod и MagicSchool AI, тие работеа индивидуално и во групи за да изработат ангажирачки активности насочени кон ученикот, прилагодени на нивниот наставен контекст. Сесијата вклучуваше време за взаемна повратна информација и рефлексија на успешните аспекти од процесот на креирање на овие ссодржини. Наставниците, исто така, изготвија персонализирани планови за примена на стекнатите знаења во училница. Денот заврши со заедничка рефлексивна сесија, на која учесниците ги споделија своите стекнати знаења и следни чекори за интегрирање на технологијата во нивната наставна пракса.












Обуката успешно ги постигна своите цели. Учесниците го продлабочија своето разбирање на реализација на настава со фокус на ученикот поддржана со дигитални алатки и стекнаа самодоверба во евалуација и примена на широк спектар на технологии. Тие развија оригинални и ангажирачки наставни материјали, прилагодени на потребите на нивните ученици, и изработија конкретни планови за примена на научените стратегии во својата наставна пракса.
Најважно од сè, обуката придонесе за создавање на колаборативна професионална заедница на учење, во која наставниците разменуваа идеи, даваа и добиваа повратни информации, и критички размислуваа за својата улога во подготовката на учениците за дигиталната иднина.
Практичната природа на сесиите со физичко присуство, комбинирана со примената на иновативни алатки, го збогати професионалниот развој на учесниците.
