Посети за рефлексија на имплементираните SHIELD работилници во училиштата

Од февруари до крајот на април 2025 година, Центарот за иновации и дигитална едукација (Диг-Ед) ја следеше имплементацијата на SHIELD (Simulation game-based Hands-on Instruction for Enhancing Cybersecurity Learning and Development) работилниците во училиштата кои учествуваа на обуката за имплементација на SHIELD методологија..

Идејата позади SHIELD методологијата е да го подобри кавлитетот на едукацијата за сајбер безбедност преку комбинирање на ангажирачки искуства базирани на игра со практични активности кои развиваат конкретни вештини од областа на сајбер безбедноста. Активностите се наменети за ученици од основно и средно образование, помагајќи им не само да ги разберат теоретските концепти туку и да ги применат преку практични сценарија за учење базирани на игра.

Како дел од имплементцијата на овој проект беа организирани посети за рефлексија, со цел да се овозможи размена на искуства помеѓу наставниците и тимот за мониторинг. Во текот на трите месеци, Диг-Ед реализираше посети на училиштата каде што беа спроведени работилниците за да ја евалуира нивната ефикасност и да поддржи континуирано подобрување на квалитетот на имплементираните активности. За време на овие посети, наставниците ги споделуваа своите искуства, предизвици и успеси при реализацијата на работилниците. Фокусот на посетите за рефлексија не беше само проценка на влијанието врз знаењата и вештините на учениците за сајбер безбедност, туку и идентификување на добри практики и области за унапредување.

Наставниците дадоа повратни информации за целокупното искуство, опишувајќи го процесот на дизајнирање на различни искуства базирани игра користејќи ја SHIELD методологијата, имплементацијхата и нивните влијанија врз знаењата и вештините на учениците поврзани со сајбер безбедноста. Тие исто така ги опишуваа спроведените активности, посветувајќи внимание на интересот на учениците и нивното мислење за овој иновативен пристап кон учењето.

Напредокот на учениците за време на имплементацијата се следеше преку нивното успешно завршување на предизвиците во играта и преку способноста да ги применат концептите за сајбер безбедност во практични вежби. Дополнително, знаењето на учениците за сајбер безбедност се оценуваше во три фази: пред започнувањето на работилниците, веднаш по нивното завршување и еден месец подоцна. Овој пристап имаше за цел да го евалуира влијанието на SHIELD методологијата врз стекнувањето и задржувањето на знаењето и вештините.

Првичните повратни информации од имплементацијата покажуваат дека учениците се мотивирани од SHIELD работилниците, кои комбинираат раскажување приказни, решавање проблеми и развивање на вештини за сајбер безбедност. Наставниците укажаа на зголемено ангажирање на учениците во споредба со традиционалните методи на реализација на настава, при што многу ученици побарале продолжување на процесот на учење и надвор од предвиденото време. Исто така, било забележано и значително подобрување во разбирањето на сајбер заканите и безбедносните практики, како и поголема соработка и комуникација помеѓу учениците.

Почетните резултати од тестирањето на знаењата укажуваат на значително подобрување на знаењата за сајбер безбедност кај учениците како резултат на работилниците. Особено важно е што нивните компетенции не само што се одржале, туку и продолжиле да се подобруваат со текот на времето, што го демонстрира силното и долготрајно влијание што SHIELD го има врз едукацијата за сајбер безбедност.

За време на посетите беа презентирани нови алатки базирани на вештачка интелигенција за креирање на приказни во искуства базирани на игра со цел зајакнување на компетенциите на наставниците. Наставниците беа охрабрени да ги користат овие алатки за да дизајнираат нови активности базирани на игра кои можат да бидат користени за учество на претстојниот национален натпревар.