Учество на Маја Виденовиќ во Fulbright TEA Media Literacy Program

Маја Виденовик, член на Dig-Ed, како посветен едукатор и експерт за дигитално образование, успешно ја заврши програмата Fulbright TEA Media Literacy Program. Програмата е финансирана од Стејт департментот на САД, администрирана од IREX, а е организирана од Канцеларијата за глобално ангажирање на Факултетот за образование при Универзитетот во Висконсин-Медисон. Оваа престижна програма обединува едукатори од целиот свет со цел унапредување на нивните вештини за едукација за медиумска писменост и справување со предизвиците на дигиталната ера.

Заедно со 23 едукатори од 13 земји, таа стана дел од заедницата на Факултетот за образование при Универзитетот во Висконсин-Медисон. Учествуваше на курсот Digital Media and Technology in Schools and Social Studies, кој понуди можности за истражување за користењето на различни на медиуми во училницата и ја постави медиумската писменост во поширок педагошки контекст. Таа ги разви своите вештини за медиумска писменост и критичко размислување за различни прашања во глобален контекст.

Во рамките на работилниците Creative Learning with Technology Studio Workshops, Маја имаше можност да се запознае со различни дигитални алатки кои може да се користат во образованието за медиумска писменост. Преку практични работилници и тимска работа, учесниците учеа едни од други, ги унапредуваа своите дигитални вештини и создадоа различни проекти на крајот од курсот. Дополнително, таа учествуваше и на предавања за современи прашања во образованието.

Како дел од програмата, Маја имаше можност да се поврзе со едукатори од различни земји, да разменува искуства и да го продлабочи своето знаење за тоа како да ги оспособи учениците со критички вештини за медиумска писменост. Ова искуство дополнително го збогати нејзиниот пристап во наставата, овозможувајќи ѝ подобро да ги адресира комплексностите на дигиталните медиуми во денешното општество.

Маја исто така имаше практично искуство во средното училиште Verona Area High School во Медисон, Висконсин, каде што имаше можност да се запознае со американскиот образовен систем, со секојдневната работа во училиштето, и да разменува искуства и идеи со наставниците и учениците. Можноста за присуствување на часови и одржување свои предавања дополнително го збогати нејзиното наставно искуство.

За време на програмата, Маја дополнително ја промовираше нашата земја преку учество во подкастот “In the Loop with the Sup”, организиран од суперинтендентот д-р Тремејн Кларди од училишниот округ Верона, како и со објавување на напис со свои импресии и повратни информации за незаборавното искуство од Fulbright TEA програмата на веб-страницата на Универзитетот во Висконсин – Медисон.

https://www.podbean.com/ew/pb-mkxif-1707802

Q-A with visiting Fulbright TEA participant: Maja Videnovik from North Macedonia – School of Education

Експертизата на Маја во областа на медиумската писменост, заедно со нејзината посветеност на користење иновативни дигитални алатки во наставата, ја прави доследен застапник за интеграција на медиумската писменост во образованието. Преку оваа програма, таа стекна нови перспективи и стратегии кои со нетрпение сака да ги имплементира во својата наставна пракса, помагајќи им на своите ученици да го совладаат дигиталниот свет со свесност, одговорност и критичко размислување.

Горди сме на континуираната посветеност на Маја за унапредување на образованието за медиумска писменост и нејзиниот придонес во обликувањето на поинформирана и поодговорна генерација на дигитални граѓани!