Претставници од Диг-Ед од 3.7.2022 до 13.7.2022 учествуваа на обуки “Learner centered approach“ (Пристап со фокус на ученикот) и “Learn&Lead – Self management“ (Учи и води) во рамки на Erasmus+ проектот ”Upgrade with learner centered approach – ULCA”. Обуките се реализираа во Универзитетот во Вилниус, Литванија.
Фасилитатор на обуката “Learner centered approach” беше проф. Габриела Лојова, од Универзитетот во Братислава. Учесниците на обуката се запознаа со теоретските основи, неопходноста од имплементација и односот на наставниците кон пристапот во наставата со фокус на ученикот. Потоа се дискутираше за секој од седумте принципи на пристапот во наставата насочен кон ученикот. Се разговараше и за актуелната состојба, како и можностите за подобрување на начинот за реализација на наставата. Целта на дискусијата беше да најдат начини за да се создадат средини за учење каде фокусот ќе биде префрлен на учениците. Учесниците споделија примери, идеи и добри практики за реализација на наставата со фокус на: активно учење на учениците, стекнување со релевантно знаење, когнитивните и афективните домени во исто време, позитивен пристап при реализација на нставата. со прифаќање и наградување на ученикот, создавање позитивна атмосфера за учење каде наставникот ќе биде само фасилитатор и партнер во процесот на учење, овозможувајќи им на учениците учество во донесување на одлуки. Учесниците имаа можност не само да го споделат своето искуство, туку и да споделат предизвици за реализација на настава со фокус на ученикот и да предложат идеи за нивно надминување.
Обуката „Учи и води“ ја водеше Јана Чинорадска, од Академијата Хармони, Трнава. Истата беше многу динамична, интерактивна, со многу активности-мразокршачи и активности за дискусија, како и многу емотивни моменти. Во текот на обуката учесниците имаа можност да ги идентификуваат и да ги зајакнат своите компетенции за самоуправување и лидерство. Учесниците беа запознаени со парадигмата „Whole Person“ (Цела личност) и ги анализираа пристапите на комуникација при што луѓето ги гледаат како целина – тело, срце, ум и дух – и соодветно да управуваат и водат. Беше спроведена дискусија за четирите типа на интелигенција – интелектуална, емоционална, физичка и духовна. Се дискутираше за самосвест, саморегулација, мотивација, емпатија и социјална вештина, како пет вештини и компетенции за успешно лидерство со емоционалната интелигенција според Даниел Големан.
По завршувањето на обуките, во попладневните часови, беа организирани и различни активности за комуникација помеѓу учесниците. Учесниците го посетија основното училиште Пранас Машиотас, се сретнаа со раководителот на Одделот за општо образование на општина Вилнус, го посетија Парламентот на Република Литванија, итн. Учесниците имаа заедничка вечера за споделување на впечатоците од обуките и ги планираа идните активности. За време на престојот во Вилнус беше организирана посета на блискиот град Тракаи и историскиот национален парк, како и паркот Белмонто. Сите овие активности придонесоа за подобро запознавање на учесниците, зајакнување на комуникацијата и соработката, како и започнување на планирање на идни заеднички проекти.