Маја Виденовиќ и Владимир Трајковиќ, како претставници на Центарот за иновации и дигитална едукација Диг-Ед, учествуваа на работилница за законодавство и управување во сајбер безбедноста, која се организираше во рамки на проектот Cyber Balkans од 24 до 28 ноември 2025 во Брисел. Настанот беше организиран од e-Governаnce Academy и Center for Interactive Learning and Collaboration, и на истиот присуствуваа учесници од државите од Западен Балкан со заедничка цел: зајакнување на регионалните капацитети за сајбер безбедност и подобро разбирање на современите дигитални ризици.
Уште од првиот ден, настанот се одвиваше интерактивно и многу динамично. Програмата опфати серија активности – од работилници за сајбер-хигиена, дискусии за законодавни модели и јавни политики, до презентации за улогата на граѓанските организации во создавање безбеден дигитален екосистем. Покрај тоа, учесниците имаа можност да посетат релевантни европски институции во Брисел, што дополнително го збогати разбирањето за тековните европски процеси и поддршката што се нуди кон земјите од регионот. Настанот беше исклучителна можност за размена на знаења и практики, но и за воспоставување нови врски меѓу граѓанскиот сектор и креаторите на политики.
За време на настанот, Маја Виденовиќ и Владимир Трајковиќ го презентираа проектот SHIELD, развиен во рамките на програмата KnowCyber, како дел од проектот Cyber Balkans. На заедничката сесија која ги обедини граѓанските организации и институциите, тие ги претставија клучните придобивки од проектот, ставајќи акцент на тоа како SHIELD методологијата ги трансформира традиционалните пристапи во наставата за сајбер безбедност. Преку AI-базирани приказни, тимски предизвици и дигитални игри во стил на Escape room, проектот им овозможува на учениците да стекнуваат знаења и вештини инспирирани од реалниот дигитален свет.
Присутните имаа можност да слушнат и за практичните резултати од имплементацијата на SHIELD. Учениците кои претходно сметале дека изучувањето на содржини од сајбер безбедност е досадно и се сведува само на изучување на правила, сега го гледаат истото како интересен процес на решавање на проблеми од секојдневниот живот, кој ќе им помогне полесно да се снаоѓаат во дигиталниот свет. Наставниците кои веќе го користат моделот се сведоци на значително поголема ангажираност кај учениците, подинамични дискусии за актуелни дигитални теми и стекнување на долготрајни и применливи знаења од областа на сајбер безбедноста.
Презентацијата беше одлично прифатена од учесниците во Брисел, кои SHIELD го оценија како практично решение што може да се примени во различни образовни контексти низ регионот. Во рамки на дискусијата, Диг-Ед ги претстави и своите планови за следната фаза – проширување на мрежата на наставници, развивање нови тематски содржини од областа на сајбер безбедност и истражување на ефиксаноста од примената на овој пристап. Споделувањето на придобивките од имплементацијата на SHIELD проектот ја истакна неговата важност и потенцијал да се прошири на национално и регионално ниво.






Заедничката сесија меѓу граѓанските организации и креаторите на политики собра грантисти од програмата KnowCyber, претставници на институциите од земјите во регионот, како и претставници на институции на ЕУ, со цел отворена размена на искуства и идеи за унапредување на управувањето со сајбер безбедноста во Западен Балкан. За време на сесијата, Диг-Ед соработуваше со претставници од Министерството за дигитална трансформација, споделувајќи увид од своите проектни искуства и локална ангажираност. Разговорот ја истакна важноста на инклузивната, повеќесекторска соработка и покажа како перспективите на граѓанскиот сектор можат да придонесат кон формирање политики за сајбер безбедност усогласени со добри практики и стандарди на ЕУ.



Неделата се одвиваше преку комбинација на работилници, панел дискусии и студиски посети. Еден од најзначајните моменти беше сесијата за сајбер-хигиена и едукација на возрасни, каде експерти од e-Governance Academy претставија практични приоди за вклучување различни целни групи. Друг важен дел од програмата беше презентацијата која ги претстави механизмите на поддршка од ЕУ за граѓанските организации на Западен Балкан, со преглед на достапната финансиски поддршка, претстојните можности и стратешката улога на граѓанското општество во зајакнувањето на свеста за сајбер безбедност. Работилницата исто така овозможи простор за дискусија како граѓанскиот сектор и јавните институции можат поефективно да соработуваат за подобрување на националните сајбер безбедносни екосистеми.



Покрај формалните сесии, студиските посети додадоа уникатна димензија на програмата. Средбите во организации како CEPS и All Digital понудија увид во тоа како европските организации ја поддржуваат дигиталната трансформација. Дополнително, овие посети поттикнаа нови идеи за идни соработки и ја засилија важноста на меѓусекторските партнерства во сајбер безбедноста.
Работилницата во Брисел не се однесуваше само на споделување знаење, таа поттикна размена на искуства и идеи помеѓу луѓе кои делат иста мисија. Маја и Владимир се вратија со нови сознанија, посилни партнерства и обновена мотивација да продолжат со промоцијата на дигиталната писменост и зајакнување на свеста за сајбер безбедност во нашата држава.


