Scientix работилница – Користење на мобилни апликации во STE(A)M наставата

Scientix работилница – Користење на мобилни апликации во STE(A)M наставата се одржа на 17 и 18.06.2022 во Скопје, како дел од активностите на Центарот за иновации и дигитална едукација како Scientix Национална Контакт Точка. Целта на работилницата беше споделување на идеи, примери и добри практики помеѓу учесниците за користењето на мобилните апликации во STE(A)M наставата, справување со теми како што се дигиталните компетенции на наставникот, користење на игри во образованието и истовремено давање на едукативна вредност на апликација или играта.

На почетокот беа презентирани активностите на Scientix и Центарот за иновации и дигитална едукација како Национална Контакт Точка. Учесниците беа запознаени со неодамнешните вести за Scientix, како и со последната вест за STEM Discovery Campaign и Scientix TV. Се дискутираше за претходните активности на Диг-Ед, вебинари и работилници, како и објавени каталози на добри практики.

Работилницата продолжи со презентација за некои студии на случај во врска со употребата на мобилни апликации во предметите STE(A)M проследена со презентации на учесниците за мобилните апликации што тие ги користат во нивната училница. Следеше дискусија за предностите и недостатоците од користењето мобилни апликации во образованието, како и за можностите и предизвиците при користењето на мобилни алатки во образовниот процес. Учесниците работеа во групи и планираа како мобилните апликации може да се користат во наставата и со која цел. Презентациите на нивните идеи беа споделени со други групи и беа презентирани различни активности. За време на работилницата беа дискутирани и дигиталните компетенции на наставниците како важен фактор од кој зависи успешното користење на технологијата во училницата. Фокусот беше ставен на врската помеѓу дигиталните компетенции на наставникот и употребата на мобилните алатки.

Вториот ден од работилницата започна со дискусија за тоа како различни мобилни апликации може да се користат за различни активности на часовите, кои се нивните образовни вредности и карактеристики потребни за да се оцени мобилната апликација како едукативна. Потоа, наставниците поделени во групи, според предметот што го предаваат, планираа различни активности на часот со мобилните алатки. Креираните сценарија беа презентирани пред учесниците и имаше дискусија за конкретните предизвици од презентираните активности во контекст на училницата.

Најголем дел од предизвиците за успешно имплементирање на мобилните апликации во училницата според учесниците се поврзани со училишната инфраструктура, а учесниците даваа идеи како може да се надминат овие пречки. Треба да се истакне дека наставниците се ентузијасти во врска со користењето на мобилните апликации во нивните училници и тие се убедени во придобивките од овој вид на пристап со цел да се создаде привлечна средина за учење и да се зајакнат знаењата и вештините на учениците.

На крајот од работилницата беше донесен заклучок за придобивките и начините за успешна интеграција на мобилните апликации во наставата. Кратка презентација за добивање на ознака за квалитет за STEM училиште беше направена како воведна активност за следната работилница на Dig-Ed како Scientix Национална Контакт Точка – STEM училишта, како да се развие добра стратегија за STEM училиште, што треба да се направи за да се зголеми интересот за STEM предметите во училиштата.