Работилницата „Иднината на СТЕМ образованието на национално ниво: идни чекори“, во организација на Центарот за иновации и дигитална едукација во соработка со Scientix, беше реализирана на 17 и 18.02.2023 година во Скопје. Наставници, директори, претставници од МОН, БРО и ДИЦ, како и од невладиниот сектор, компании и експерти од областа на образованието, дискутираа за тековната состојба, предизвиците, како и можните решенија за подобрување на СТЕМ образованието на национално ниво.
На почетокот кратка беше направена презентација на Scientix како и на активностите на Диг-Ед како Национална Контакт Точка. Беа споделени најновите информации поврзани со Scientix: STEM Discovery Campaign 2023, Scientix TV, како и повикот за Scientix Амбасадори.
За време на работилницата беше презентиран и каталогот со добри СТЕМ наставни практики со користење на мобилни апликации. На овој начин се обезбедуваат ресурси кои може да се искористат од страна на наставниците за поттикнување на интересот и мотивацијата на учениците и нивно активно вклучување во наставата.
Беше започната дискусија за СТЕМ образованието на национално ниво, каде учесниците на работилницата, од различни перспективи, ја опишаа моменталната состојба, нивните потреби и очекувања. Учесниците беа задоволни бидејќи имаше учесници од различни образовни институции и можеа да ги споделат своите размислувања, да ја видат тековната состојба од различен аспект и да поразговараат за тоа што е потребно да се промени за да се подобри состојбата со СТЕМ образованието на национално ниво.
Поделени по групи според типот на образовна институција од која доаѓаат, учесниците разговараа за главните предизвици со кои тие се соочуваат и ги презентираа најважните три пред останатите групи. Ова поттикна дискусија со цел учесниците подобро да се разберат едни со други и да се обидат понатаму заеднички да најдат решение на одредени предизвици.
Работејќи во групи учесниците ги идентификуваа следните предизвици во СТЕМ образованието:
- СТЕМ не е приоритет на национално ниво
- Недостаток од национална стратегија за развој на СТЕМ образованието (идентификување на тоа што сакаме, каде би сакале да стигнеме и чекори како можеме до таму да стигнеме) и стратегија за обезбедување на СТЕМ кадри (нема мотивација кај младите луѓе за упис на факултети кои продуцираат СТЕМ кадри)
- Потребна е популаризација на науката (никој не ја претставува СТЕМ како кул предмет)
- Недостаток од комуникација и соработка помеѓу наставниците, но и помеѓу надлежните институции (МОН, ДПИ, ДИЦ, БРО). Потребна е поголема соработка помеѓу основно образование, средно образование и факултетите. Потребна е поддршка на наставниците од надлежните институции. Недостасува хоризонтална и вертикална поддршка (помеѓу вработените во инситуциите, но и помеѓу врааботените во различните образовни институции)
- Недостаток од систем за мониторинг и евалуација на имплементацијата на СТЕМ образованието.
- Недостаток од системска поддршка на добрите иницијативи и од поддршка за наставниците кои се поттикнувачи на добрите промени.
- Недостаток од ресурси – недоволна опременост на училиштата, недостаток од компетентни наставници (има недостаток од наставници од СТЕМ областите па се вработува недоволно квалификуван наставен кадар).
- Недостаток од мотивација кај наставниците (лоши услови за работа, недоволна опременост на училиштата, нарушен углед, недоволен финансиски бенефит)
- При реализација на наставата нема доволно интердисциплинарност и стекнување на трајни и применливи знаења, па најголем дел од учениците не се со функционално знаење кога излегуваат од образовниот систем.
- Чести промени во СТЕМ образованието, особено во основно образование, кои не се секогаш целосно реализирани и не продолжуваат во средното образование. Промените најчесто се воведуваат без претходна подготовка и без обезбедување на неопходните услови, а после имплементацијата најчесто не се врши евалуација на ефектот од промената.
- Политизација на образованието
Интересно беше тоа што иако учесниците доаѓаа од различни институции, сепак тие се согласија дека овие предизвици мора да се надминат за да се подобри квалитетот на СТЕМ образованието на национално ниво.
Прашања кои се наметнаа, а на кои може да влијаат и учесниците на работилницата: Како да се постигне популаризација на СТЕМ образованието, комуникација на различните чинители во образовниот процес, интердисциплинарност, развивање на вештини за решавање проблеми и стекнување трајни и применливи знаења, како да се искористи влијанието на дигитализацијата? Одговорот на овие предизвици може да доведе до промени кои потоа може да ги поттикнат и системските промени на ниво на држава.
Работата продолжи во мешани групи. Идејата беше учесници од различни иснтитуции да идентификуваат области каде тие може да придонесат во надминување на предизвиците, па зато анјдобро беше да се работи во група во која секој ќе го даде своето размислување од различна перспектива.
За да се обезбедат потребните ресурси (простор, време, материјали за учење, дигитални ресурси, нагледни средства, човечки ресурси, финансиски ресурси) учесниците сметаат дека прво е потребно да се направи мапирање на постоечките и потребните ресурси и нiвната искористеност со цел да се идентификуваат областите каде што се потребни промени. Потоа би требало да се изврши дисеминација на потенцијалните начини за обезбедување на тие ресурси (пример користење на апликации за поддршка на наставниците во наставниот процес). Организацијата на наставни за промоција, поддршка, вмрежување, спонзорства, видливост (пр. 4 настани годишно) е начин за да се воспостави комуникација со различните институции и инволвирани страни во воспитно образовниот процес, во насока на обезбедување на подобри материјали за учење, нагледни средства, дигитални ресурси, финансиски ресурси) кои им се потребни на училиштата.
Во насока на зголемување на бројот на достапни едукативни ресурси на македонски јазик, може да се искористат веќе постоечки ресурси (на пример Едуино, за кој сега ќе биде одговорно БРО), но потребно е да се направат некои промени. На пример, прво треба да се изврши проверка на содржината на веќе поставените ресурси и филтрирање на квалитетни ресурси. Потоа би можела да се додаде категорија СТЕМ ресурси и да се објави повик за креирање на СТЕМ активности. Со цел мотивирање на наставниците за најдобрите примери може на наставниците да им се дадат сертификати, па дури и да бидат прогласени за Амбасадори или надворешни соработници на БРО, а за училиштата би можело да се обезбеди национална ознака за СТЕМ училиште.
Во поглед на недостатокот од хоризонтална и вертикална комуникација во институциите, потребно е да се реализираат низа на активности за подобрување на соработка. Тоа би можело да се постигне преку отворање на училницата и комуникација со останатите наставници, но и релевантните чинители за подобрување на квалитетот, како и вклучување на родителите. Исто така потребно е следење на напредокот на учениците за време на образовниот процес, но и по преминот во други степени на образование.
За да може да се се промовира СТЕМ образованието меѓу сите заинтересирани чинители (наставници, родители, заедницата) со цел да се постигне популаризација на СТЕМ образованието учесниците предлагаат неколку активности. За почеток би требало да се спроведе истражување за СТЕМ во основно и средно образование (идентификување на моменталната состојба и детектирање на предизвиците кои ги имаат наставниците) преку спроведување онлајн прашалници. Како резултат на ова истражување понатаму би требало да се спроведуваат обуки за наставниците но исто така и да се промовираат добри практики (преку доставување докази, евалуација, мониторинг). Притоа би можела да се искористи поддршката од Scientix (STEM) Амбасадорите кои би им помогнале на помалку искусните колеги во нивниот професионален развој. На тој начин би се промовирале и СТЕМ училишта, односно училишта во кое се реализира квалитетна СТЕМ настава. Притоа треба да се внимава да се обезбеди интердисциплинарен пристап и вклучување на што е можно поголем број наставници од едно училиште, за да може дадено училиште да биде препознаено како СТЕМ училиште. По имплементацијата на сите активности потребно е да се направи завршна евалуација за да се утврди дали се постигнати поставените цели.
Беа спомнати и неколку различни иницијативи кои промовираат СТЕМ образование и кои може да се искористат за пристап до образовни ресурси, како Scientix, naukazadeca и Едуино порталот, ОХО продукција, апликација Coach Microlearning итн. Учесниците исто така беа поттикнати ад споделат свои примери на добри практики кои може да се искористат од другите наставници.
Учесниците беа задоволни бидејќи иако доаѓаа од различни институции успешно ги разбраа мислењата едни на други, потребите и очекувањата. Заклучија дека сите се на иста страна – на страна на ученикот. Работилницата беше добра почетна основа за планирање на идни активноссти кои може да се реализираат на национално ниво, со цел да се подобри квалитетот на СТЕМ образованието.