На 30.09.2022 и 01.10.2022 година се реализираше Scientix работилница – СТЕМ училишта, како да се зголеми интересот за СТЕМ наставата и како да се развие добра СТЕМ училишна стратегија, како дел од активностите на Центарот за иновации и дигитална едукација Диг-ЕД, кој е Национална Контакт Точка за Scientix. Целта на работилницата беше да се запознаат учесниците со концептот на СТЕМ училиште, како да се развие добра СТЕМ училишна стратегија и да се запознаат со процесот на самоевалуација на училиштата и добивање на СТЕМ ознака за квалитет.
На почетокот на работилницата беше извршена кратка презентација на Scientix и активностите на Центарот за иновации и дигитална едукација како Scientix NCP. На учесниците им беа презентирани последните вести поврзани со Scientix, а посебен осврт се даде на претстојната Scientix конференција. Дискусија за претходните активности на Диг-Ед, работилници и вебинари беше поттикната. Беше најавен и повик за споделување на добри практики со користење на мобилни апликации, како резултат на примена на стекнатите знаења од претходната работилница. Учесниците на работилницата се запознаа меѓу себе преку интересни активности.
Следеше дискусија за тековната состојба со СТЕМ образованието во државата, а потоа учесниците во групи дискутираа за активностите кои треба да се спроведат за да се се зголеми интересот на учениците за СТЕМ предметите. Учесниците истакнаа дека им е потребна поголема поддршка од МОН и БРО, како и поголема флексибилност во имплементацијата на наставните програми. Беа истакнати и некои идеи за тоа како може да се зголеми интересот на учениците за СТЕМ предметите: СТЕМ клубови, организирање на различни воннаставни активности, промоција на СТЕМ на различни настани, саеми, СТЕМ денови, воспоставување соработка со индустријата итн.
Презентацијата на главната тема на работилницата започна со дискусија со учесниците за нивното размислување за тоа што е СТЕМ училиште, и како може да се развие добра СТЕМ училишна стратегија која би го поттикнувала интересот на учениците за СТЕМ предметите. Разни идеи и сугестии беа собрани со mentimetar а потоа истите беа основа за понатамошна дискусија.
Учесниците беа запознаени со поимите СТЕМ училиште, СТЕМ клучни елементи и критериуми, како и СТЕМ училишна стратегија. Клучните елементи и критериуми беа детално анализирани и потоа врз основа на нив се повтори дискусијата за тоа колку училиштата на учесниците се СТЕМ училишта.
Чекор по чекор беше објаснет процесот на училишна самоевалуација а потоа следуваше и описот на СТЕМ училишните практики и студии на случај преку чие поднесување е потребно да се обезбеди докази за исполнување на критериумите за СТЕМ училиште. Системот за добивање поени за секоја активност и соодветните ознаки кои може да се добијат беа објаснети во детали .
Понатаму следеа практични активности во кои учесниците креираа свои кориснички профили, ги уредуваа и ги регистрираа и своите училишта на STEM School Label платформата. Потоа се анализираше процесот на пдонесување на доказ за училишна практика и студија на случај, како и активностите во форум и учеството во месечни анкети. Детална анализа на формата за самоевалуација беше направена по што следеше дискусија за целиот процес на користење на STEM School Label платформата.
За време на работилницата учесниците ги креираа своите први драфт верзии на докази, ги презентираа и се дискутираше колку тие се во согласност со СТЕМ критериумите. Најголем дел од информациите беа нови за учесниците и изненади ентузијазмот со кој истите ги направија првите чекори во процесот на самоевалуација на нивните училишта.
На крајот беше даден заклучок за чекорите за аплицирање за STEM School Label, по што учесниците беа поттикнати да земат активно учество во следните активности кои ќе ги организира Центарот за иновации и дигитална едукација.