Од среда, 6 мај 2020 започнува да функционира веб сајтот http://naukazadeca.mk/, чија главна цел е промоција на научна култура и ментална фискултура кај најмладите! Воедно, може да послужи како извор на дигитални едукативни ресурси кои може да се искористат во наставниот процес.
#НаукаЗаДеца е иницијатива која потекнува од група научници и наставници, но е отворена за сите, кои сакаат да дадат свој придонес во збогатување на дигиталните едукативни ресурси на македонски јазик. Оваа некомерцијална иницијатива е под покровителство на граѓанската инцијатива Кантарот (http://qantarot.blogspot.com/), на која се приклучува ОХО Продукција (http://oxoplay.mk/), со цел да се поттикне дигиталната трансформација на македонското образование, и невладината организација Центар за иновации и дигитална едукација – ДИГ-ЕД (http://dig-ed.org/) чија мисија е да се промовираат дигитални ресурси во образованието.
Постојат три извори на информации кои ги споделуваме на #НаукаЗаДеца. Во соработка со FuseSchool (https://www.fuseschool.org/) избрани се видеа од природните науки кои наставниците кои се приклучија на иницијативата ги анотираа и преведоа на македонски јазик. ОХО Продукција ќе ги искористи преводите за да ги синхронизира видеата на македонски јазик. Научниците кои се приклучија на иницијативата креираат описи на научни експерименти кои можат да се изведат во домашни услови. Конечно, ги повикавме и студентите (прво на Финки, но повикот е отворен за сите) да креираат кратки видеа со експерименти што се направени во домашни услови и споделени по социјалните мрежи со хаштагот #НаукаЗаДеца.