Центарот за иновации и дигитална едукација Диг-Ед распишува повик за игри креирани во Scratch од областа на безбедно користење на интернетот и справување со дезинформации. Повикот е во рамки на проектот „Користење на игри за учење за сајбер-безбедност и справување со дезинформации“, поддржан и финансиран од Амбасадата на САД. Истиот е наменет за ученици од основно образование, а игрите треба да може да се користат од ученици од 10 до 14 години со цел да се продлабочат нивните знаења од областа на безбедното користење на интернетот и медиумската писменост.
Типот на игрите може да биде аркаден (базиран на рефлекси), со елементи на раскажување на приказни или со комбинација на двете. Игрите треба да бидат изработени на македонски јазик, со CC-BY лиценца за споделување на истите. Пример за вакви игри може да најдете на следниот линк: Отворени образовни ресурси – Center for Innovations and Digital Education DIG-ED Критериуми за вреднување на игрите се: оригиналност, соодветност на играта со темата на повикот, точност на информациите во играта, функционалноста на кодот и визуелниот впечаток на играта. Игрите ќе бидат оценувани од одборот за евалуација на проектот составен од универзитетски професори, претставници од Форумот за управување со интернет и претставници од Тимот за сајбер безбедност на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство.
Кодот на игрите треба да се испрати најдоцна до 13.06.2022 година преку пријава на следниот линк: Пријава. Најдобрите игри ќе бидат објавени како отворени образовни ресурси, а за креаторите на најдобрите игри следи изненадување. Ви благодариме бидејќи придонесувате за збогатување на базата на отворени образовни ресурси на македонски јазик.