Ученици од пет основни училишта ги прават последните подготовки за одбележување на Денот на побезбеден интернет 2022. Тие креираа образовни материјали кои се однесуваат на сајбер безбедност и справување со дезинформации кои ќе бидат искористени за време на часовите со останатите ученици во училиштата, започнувајќи од 7.2.2022 како дел од проектот „Користење на игри за учење на сајбер безбедност и справување со дезинформации“, финансиран од Амбасадата на САД. Сите материјали креирани од учениците по завршување на активностите ќе бидат достапни како отворени образовни ресурси и ќе можат да се искористат од наставниците и учениците ширум државата за зајакнување на компетенциите поврзани со сајбер безбедност и справување со дезинформации.
Учениците од повисоките одделенија (8 и 9 одделение) истражуваа на овие теми онлајн, ги вреднуваа пронајдените информации, носејќи заклучоци врз основа на факти и креираа едукативни материјали кои можат да се искористат за да ги запознаат учениците од пониските одделенија (6 и 7 одделение) со овие содржини. Наставниците само ги насочуваа учениците во процесот на стекнување на знаења и вештини поврзани со сајбер безбедност и справување со дезинформации. На овој начин учениците од повисоките одделенија ги продлабочија своите вештини за критичко размислување, креативност, комуникација, соработка, а учениците од пониските одделенија на еден интересен и забавен начин ќе научат како да се однесуваат онлајн.