Што значи да се биде едукатор во дигиталната ера? Ова прашање беше во фокусот на Летната школа на Европскиот центар за дигитално образование (European Digital Education Hub – EDEH), насловена „Educators in the Digital Era – From Facilitators to Instructional Designers“, која се одржа на Универзитетот во Порто, Португалија, од 30 август до 1 септември 2026 година.
Маја Виденовиќ, од Центарот за иновации и дигитална едукација Диг-Ед, учествуваше заедно со околу 40 едукатори, истражувачи и експерти за дигитално образование од различни европски земји. Летната школа овозможи заеднички да се анализира како вештачката интелигенција и новите технологии ги менуваат не само нашите училници, туку и улогата, компетенциите и професионалниот идентитет на едукаторите.

Дискусиите не се фокусираа само на прашањето кои дигитални алатки треба да ги користат едукаторите, туку и на едно многу посуштинско прашање: Кои компетенции им се потребни на едукаторите во дигиталната ера? Со сè поголемото присуство на ВИ во образованието, едукаторите ја надминуваат улогата на корисници на дигитални алатки и сè повеќе стануваат дизајнери на учењето. ВИ може да помогне во креирањето и приспособувањето на наставни материјали, активности и искуства за учење, но едукаторот останува тој што одлучува кога, зошто и на кој начин технологијата треба да се користи. Човечкото расудување, педагогијата и потребите на учениците мора да останат во центарот на овој процес.


Особено значаен дел од Летната школа беше можноста активно да се придонесе во дискусиите за нацрт-верзијата на DigCompEdu Framework. Учесниците ги разгледуваа дефинициите и формулациите, споделуваа искуства од различни образовни контексти и заеднички размислуваа како рамката подобро да одговори на потребиte на едукаторите во свет кој станува сe повеќе подигитален и поддржан од ВИ.
Летната школа создаде и инспиративен простор за соработка, критичко размислување и размена на искуства со колеги од цела Европа. За Диг-Ед, учеството во вакви активности претставува значајна можност да ги споделиме нашите искуства, да учиме од различни перспективи и да донесеме нови идеи и пристапи во идната работа со наставниците и учениците.

