Учество на EDEH Summer School: Educators in the Digital Era

Што значи да се биде едукатор во дигиталната ера? Ова прашање беше во фокусот на Летната школа на Европскиот центар за дигитално образование (European Digital Education Hub – EDEH), насловена „Educators in the Digital Era – From Facilitators to Instructional Designers“, која се одржа на Универзитетот во Порто, Португалија, од 30 август до 1 септември 2026 година.

Маја Виденовиќ, од Центарот за иновации и дигитална едукација Диг-Ед, учествуваше заедно со околу 40 едукатори, истражувачи и експерти за дигитално образование од различни европски земји. Летната школа овозможи заеднички да се анализира како вештачката интелигенција и новите технологии ги менуваат не само нашите училници, туку и улогата, компетенциите и професионалниот идентитет на едукаторите.

Дискусиите не се фокусираа само на прашањето кои дигитални алатки треба да ги користат едукаторите, туку и на едно многу посуштинско прашање: Кои компетенции им се потребни на едукаторите во дигиталната ера? Со сè поголемото присуство на ВИ во образованието, едукаторите ја надминуваат улогата на корисници на дигитални алатки и сè повеќе стануваат дизајнери на учењето. ВИ може да помогне во креирањето и приспособувањето на наставни материјали, активности и искуства за учење, но едукаторот останува тој што одлучува кога, зошто и на кој начин технологијата треба да се користи. Човечкото расудување, педагогијата и потребите на учениците мора да останат во центарот на овој процес.

Особено значаен дел од Летната школа беше можноста активно да се придонесе во дискусиите за нацрт-верзијата на DigCompEdu Framework. Учесниците ги разгледуваа дефинициите и формулациите, споделуваа искуства од различни образовни контексти и заеднички размислуваа како рамката подобро да одговори на потребиte на едукаторите во свет кој станува сe повеќе подигитален и поддржан од ВИ.

Летната школа создаде и инспиративен простор за соработка, критичко размислување и размена на искуства со колеги од цела Европа. За Диг-Ед, учеството во вакви активности претставува значајна можност да ги споделиме нашите искуства, да учиме од различни перспективи и да донесеме нови идеи и пристапи во идната работа со наставниците и учениците.