Претставници на Диг-Ед земаа учество во обуки во рамки на Еразмус+ проект Upgrade with learner-centered approach

Претставници на Диг-Ед во периодот од 04 до 14 јули земаа учество во обуки во рамки на Еразмус+ проектот Upgrade with learner-centered approach. Обуките се реализираа во Католичкиот Универзитет во Ружомберок, Словачка, институција која е и координатор на проектот во кој учествуваат наставници, професори, психолози, педагози и менаџери од повеќе основни и средни училишта како и невладини организации, здруженија на наставници и Универзитети од пет европски држави.

Првата обука, LEARN & LEAD SELF – MANAGEMENT, беше фокусирана на личниот развој од аспект на емоционална и социјална психологија кои ќе им помогнат на наставниците, професорите и менаџерите да ги подобрат своите лидерски вештини со цел наставниот процес да биде  попродуктивен и полесно да се постигнат поставените цели. Обуката беше организирана така што сите учесници земаа активно учество и имаа можност да ги споделат своите искуства и идеи. Обучувач за првиот дел беше Јана Хинорадска, основач и професор во приватно училиште за јазици од Трнава, Словачка.

Втората обука опфаќаше вовед во основните принципи на наставата во која ученикот има централна улога во наставниот процес. Обучувач беше Габриела Лојова, професор на катедрата за англиски јазик при универзитетот Комениус во Братислава, Словачка. Учесниците на обуката беа запознаени со седумте принципи кои се неопходни за реализација на настава во која ученикот има централна  улога. Обуката беше организирана на таков начин што преку заедничка дискусија беа споделувани искуства на наставниците и професорите. Исто така се дискутираше за различните предизвици со кои се соочуваат наставниците и беа споделени можни решенија. Дискусиите беа многу интересни и корисни за учесниците пред се затоа што во процесот беа вклучени наставници и професори од основно и средно образование и универзитетски професори. На таков беше возможно да се направи споредба на начините на кои што може да се имплементираат принципите кај различните степени на образование.

Од искуствата што ги споделија членовите на ДИГ-ЕД кои што учествуваа на оваа обука, може да се каже дека станува збор за продуктивна и интересна обука со содржина која што придонесува да се збогатат знаењата и вештините на сите учесници и да се направи јасна споредба меѓу предизвиците на образовниот процес во различни европски земји.